Gallery

Смрт


Страшно брррр страшно! Коските се тресат, кожата се ежи, вилиците потскокнуваат, не дај боже ако имаш расипан заб може да ти се скрши од нивните отскокнувања. Оваа реакција се предизвикува само ако помислиш на неа, а не дај боже да го изустиш името на ,,црната кралица“. Дома, како и секое конвенционално семејство, не зборувавме за смртта. Тоа беше нешто на кое ниту првата буква не се споменуваше. Требаше да ме мавне по глава во тинјеџерските денови, па да разберам дека и такво нешто постои. Иако тогаш ме потресе длабоко, сепак по 15 години повторно изумив за неа. Ме потсети возењето со автобус од аеродромот до центарот на Мадрид. Ги приметив гробиштата, кои се простираа на огромна површина на самиот автопат. Си велам, море колкави се! Зачудена од фактот дека и во Шпанија впрочем луѓето умираат. Од друга страна пак, тоа ме поведе на размислата дека умирањето денес подразбира луксуз – затоа што чини. Не можеш да си умреш беспарешко како што си се родил и си живуркал. На пример да ти го погребаат безживотното тело во нашето погребално чини околу 1500 евра. Така што треба да штедиш за црни денови, или да живееш во црни денови за да имаш пари за умирачка.

Друго, тука влегуваат трошоци за храна и цвеќиња, зошто живите мора да се најадат, не смеат гладни да останат по исцрпниот емотивен перформанс, каде што потрошиле огромен број на калории. А умрениот, ни збор, треба да се испрати како што е ред. Демек знае што му стои на глава, на гради и околу насекаде. Туку – ај. Покрај тоа, ако сакаш да покажеш колку покојниот ти значел или каков статус има семејството, тука во трошокот влегува и погребна музика. Да не се зборави исто така дека е повеќе од неопходно поп да исчати, испее, да го ослободи покојниот/покојната од гревовите земски, нели. И да не бил верник човекот, со сила во умирачка ќе го направат. Околу чистењето на гревовите ако е воопшто вистина, тогаш поповите треба со денови да пеат, да се зборават во пеењето, затоа што синоним на денешното живеење е грев. А свештеници пак има секакви, оние што убаво пеат ама маржата им е приоритетна, некои пак под мантијата ракија си носат, некои по неколку љубовници си имаат, други пак завиваат во пеењето и човек не знае дали да се смее или да плаче…зошто нели смеење на погреб е недозволиво и комплетно неприфатливо!

И по закопувањето, уште понатаму скапотијата и трошокот од умирачката продолжува, бидејќи  помените следуваат. Сè си тече точно математички пресметано. Седум дена, четириресет дена, три месеци, шест месеци, година, две, три и така додека не дојде некој друг на ред. Храна се спрема на големо, гости се чекаат. Приоритети и специјалитети се оние нели, кои покојникот/покојната ги имал на своето јадовно мени како најомилени додека бил жив.  Се јаде и се пие на големо, бизниси се вртат, озборувања паѓаат, па и некоја љубовна  афера, но при сето тоа се најдобро за умрениот се зборува. И така си врви времето, кругот се врти, а впрочем ништо не се менува.

Додека пак ние живите умираме секојдневно, а не сме ни свесни за тоа. Подаваме дел од себеси постојано. Умираме кога наместо не, кажуваме да! Гаснеме со секој нож прободен во грбот од страна на тие кои што ни се најблиски. Во случаите пак, кога љубовта ќе стане омраза или пак ќе згасне, ех тогаш е најтешко. На смртна постела човек е изложен. Живееш, дишеш, ама исто како да не постоиш. Туп си и во сетила и во ум. Од болката имаш чуство како кожата жив да ти ја дерат, и тоа со касапски нож. И повторно круг. Круг каде ништо, ама воопшто ништо не се менува. И чуму тогаш цел тој трошок за умирачка не ми е јасно???

Од триологија  Љубов, Смрт и Раѓање. Објавен во поетри слем книгата на ЦК – како победник на 5ти поетри слем натпревар.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s