Чиј е овој моќен глас?

Возбудена сум, толку сум возбудена што сум залепена за компјутер и ги прегледувам сите постови поврзани со студентските протести. Толку сум возбудена, што кожата ми се ежи. Но, истовремено и сум љубоморна, љубормона сум што не беа нашите генерации оние од кои на постарите ќе им се ежеше кожата. Што не беа нашите генерации или помалку постарите – обединети, околу нивните права, што не беа нашите генерации, загубени жртви на транцизијата, толку моќни и истовремено чисти во својот израз. Да, љубоморна сум! Но, тоа не го порекнува очигледниот факт дека нешто сериозно се случува во Македонија. Нешто серизоно се мобилизира, нешто што недостигаше години наназад, впрочем и воопшто не постоше…нешто, за што многумина од нас си заминаа. Не е лесно заминувањето, ние сме луѓе без права, во туѓина, отуѓени од своите огништа и своите права…Нејсе, некои од нас го избраа тој пат, некои решија да останат и секое слободно решение е легитимно. Она што е важно во моментот е што се случува во Македонија. Кој е овој толку моќен глас? До каде може да оддекне? Ќе оддекне ли во мнозинството од семејства кои бркаат крај со крај месечно, кои се счучулиле во своите истрошени зимски палта. Веќе оддекнува, зимата носи пролет, будење, кое одамна фалеше. Кои се овие генерации, кои ги засенија своите професори ,од оние од кои што навидум треба учат. Кои се овие деца кои сите не оставија со подотворени муцки? Кои се овие деца коишто ни одржаа сериозни лекции, за кои ќе се зборува во учебниците, откога оние лекции за граѓанска послушност ќе се мавнат. Овие деца се личности пред се, личности од иднината и за иднината! Тоа се луѓето, кои влеваат надеж во нашите срца дека не е се целосно изгубено, и тоа во моментот во кој сите ние ја убивме и последната капка надеж. Тоа се децата од нашето маало, од нашата зграда, сестри и браќа на нашите другари, кои со силината и искреноста на својот израз ќе бидат запаметени, ќе бидат раскажувани и ќе бидат почитувани. Тоа се децата кои ни влепија “заушки” на сите нас!

ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЖИВЕАТ ВО ПРАВНА НЕСИГУРНОСТ

Денешниот граѓанин  на Република Македонија не живее единствено во економска несигурност, туку и во правна несигурност. Ова претставува фундаментално кршење на човековите права, и е во спротивност со уставниот поредок на Република Македонија. Постоењето на правната несигурност е всушност одземање на суверенитеот кој наводно според Уставот припаѓа кај граѓаните.

Впрочем постоењето на правна несигурност не претставува единствено формално-правно кршење на човековите права на граѓаните, воедно и инидивидуални и колективни, туку и резултира во психофизичка и економска несигурност и газење на принципот на живот во достоинство.

Зошто го велам сето ова?

Правниот систем на РМ  и покрај толку промени и наводни реформи, е сеуште во транзиција, и тоа сосема лоша транзиција…иако наводно економски се наоѓаме во пост-транзиционен период. Дали ова навистина е случај, е повторно прашање на некоја подетална анализа. Ваквата лоша транзиција на правниот систем се должи на многубројни фактори од најразлична политичка, правна, економска, социјална и културна природа. Од една страна, политичките фактори како што се: постојана нестабилност, неможност за практикување на политичка култура, играње на националистичка и етничка карта од “големите играчи”,  борба за надмоќ, итн.

Од друга страна пак, присутна и не помалку значајна е правната природа. Започнувајќи од сите оние кои ги пишуваат законските решенија, до оние кои ги спроведуваат. Во Република Македонија не постои правна култура и простор за силна правна аргументација. Ова посебно се однесува на македонското правосудство во процесот на примена и толкување на законите.

Треба да е јасно дека закон или законска одредба која предизвикува нејаснотии, неконзистентности, контрадикторности и широк обем на интерпретација, претставува лош закон и дефинитивно навира во правната сигурност на граѓанинот. Пишувачите и составувачите на законски решенија и прописи, мора да се познавачи на јазична семантика, истовремено да ја користат при таквото составување.

Сведоци сме на експресно донесување закони (закон за прекинување на бременост, сега законото за високо образование) комплексни закони без притоа да се обезбеди поширока јавна дебата. Без да се консултираат граѓаните, експретските кругови или познавачите.Воедно неможноста да се изјаснат или пак нивниот став да не се земе во предвид, е не само недостиг на партиципативна демократија туку и значајна повреда на владеење на правото, а со тоа и Уставот. Исклучувањето на оние на кои се донесуваат законите и законските решенија, ја губи целисходноснта и легитимноста на истите.

Понатаму, поголемиот дел од постоечките закони трпат постојани промени, со што граѓаните повторно се соочени со правна несигурност, поради неможноста постојано да бидат во тек со промените кои што секојдневно се случуваат…

Во последниот период се донесоа низа закони и законски промени кои предвидуваат разни прекршочни казни. Сепак, не знаењето и не познавањето за одредбите и законот не ослободува од одговорност. Друго е прашањето од целисходноста на ваквата микро правна регулација.

Веројатно голема улога за постоењето на оваа правна несигурност игра Уставниот суд на Република Македонија, чија улога е да се грижи дали сите овие законски и подзаконски решенија се во согласност со Уставот на РМ, и воедно да обезбедува заштита на слободите и правата на граѓаните. Оттука голем дел од оваа правна несигурност е резултат на лошата и исполитизирана работа на Уставниот суд. Иако судиите треба да бидат дел од најистакантите правници во земјата.

Ваквиот заклучок се должи на една општа анализа на дел од решенијата и аргументациите на Уставниот суд, кои во најголема мера се копирање и сувопарен одговор без суштина. Без значајна правна анализа и аргументација за своите позиции и ставови. Во тој правец, потребна е итна реформа, но и длабинска анализа на конкретните решенија и одлуки на Уставен суд ако воопшто сакаме да зборуваме за постоење на правна сигурност, но и инкорпорирање на јазична семантика во подоготвување на законски решенија и одредби. Тоа е должност и обврска, но и дел на правна етика на секој оној кој треба да стои на страната на правото, без разлика во која улога.

Јана Лозаноска

(Авторката е на докторски студии по меѓународно право на ОН Универзитет за Мир, Костарика)