Писмо на исповед за Македонија,

Заминав повеќепати, се вратив, и повторно заминав.

Заминувањето е смрт, физичка но и политичка. Умирање целосно на “политичкото битие”, и постоење само на “гол човек” , без права, без земја, без огниште, без множина, каде ќе можеш да ги искажеш своите ставови и мислења, кои притоа треба да бидат слушнати од заедницата (Арент).

Парадоксално , но смртта на “политичкото битие” се случи уште и пред да заминам, заминав за да не го изгубам физичкото постоење она на – гол човек. Но, ако заминувањето од “заедницата” носи политичка смрт тогаш, се прашувам како моето политичко битие се упокои во Македонија предвреме, пред воопшто и да заминам?

Едноставно. Во Македонија не постои “политичка заедница”. Политичка заедница е местото каде човек оној голиот, oд апстрактен  постанува  политички, може да ги соопшти своите ставови и мислења, и тие ставови и мислења да бидат слушнати од останатите, да преземе акција, но најповеќе можност да добринесе и направи промени. Овие промени не претставуваат некави спектакуларни дела кои ќе бидат врежани во некакви историски анали, или пак дела на херојство или лидерство или исклучителна мудрост, па ни интелект. Едноставна промена, која некогаш е и невидлива, преку секојдневна интер(акција) човечко-политичка интеракција – односно да соопштиш и да бидеш слушнат/а. Оттука да бидеме искрени “фејбук” не е политичка заедница, ниту пак некаква си виртуелна политичка заедница….фејсбук е оној прототип на изфрустрирана “очајна домаќинка”, без притоа оваа метафора да има некаква врска со жените кои се домаќинки и кои тоа го работат.За нив секоја чест.

Заминувањето од заедницата со која се идентификуваме преку бројни карактеристики вклучително и јазикот, претставува “смрт” поради губењето на заедништвото, и воедно неможноста да соопштиш и бидеш слушнат. Единствено нешто кое не врзува e заедницата или политичката заедница ако сакате. Ова политичко заедништво се изразува или пак добива форма покрај раѓањето, преку јазикот и преку имањето огниште, физичко огниште. Со заминувањето, сиве овие карактеристики умираат, оттука и губењето на политичката заедница и сите права која таа припадност кон заедницата треба да ги носи.

До скоро сметав дека природните убавини на Македонија кои татко ми ми ги врежал уште од детството, или пак уметничкото наследство на моите претци се причината која на овој или оној начин чувствувам некаква припадност или заедништво. Но тоа е заблудата над заблудите, затоа што во болката од заминување и отцепување, голиот или апстрактен човек има потреба да се држи и за сламка, дури и буквално тоа да нема никакво значение за неговото/нејзиното постоење на и во зедницата.

Тука каде што сум во моментот, природните убавини се спектакуларни, не можат да се опишат ниту со збор ниту со слика, но сепак сево ова е само дел на “голиот човек” кој не постои никаде. Политичкото битие, нема интеракција со природата, има интеракција со заедницата. Но и покрај се, да би можела да бирам денес повторно, сепак би избрала да бидам само гол човек, затоа што Македонија не нуди ништо повеќе од тоа. Гол опстанок и постоење.

И, покрај тоа треба да се запрашаме што ни се случува? Ова не е само прашање и одговор на политички партии, неумесни или пак манипулаторски власти (локал провинцијалистички политики со примеси на криминал), туку на постоење или непостоење на политичка заедница во онаа најчовечка смисла која го опфаќа и голиот човек, но и неговото политичко битие.

Заминувањето не е лесно, но за мене беше единствен излез од агонијата во која се наоѓа земјата со децении. По одредена дистанца, колку може човек да се интегрира во туѓина би сакала да се навратам на Македонија која ќе биде способна да изгради политичка заедница, во најширока смисла на заборот, каде мислењето и ставот ќе бидат слушнати каде гласот на граѓанинот ќе биде есапен, ќе биде слушнат и спроведен. Додека постои оваа и оваква Македонија во “шизофрена” борба за ниско партиски или за лични интереси, ќе кажам единствено – адиос Македонија! Ова претставува целосно емотивно, психолошко и политичко отцепување, и покрај тоа што скоро 3 години сум во туѓина, туѓина која ми е станува и дом и огниште, иако сум гол човек!

*** За сите оние што “дробат” дека сум си заминала, за сите оние што ми измислуваа разни имиња и етикети од пуста завист,..за сите оние кои си премолчувале а знаеле.За сите оние што ме поддржуваа и најпосле за мене самaта едно “отварање кон вистината”…а, од вистината секогаш олеснува, колку и да е мачна.***

Advertisements