КОЈ ТОА ГО УБИ СТУДЕНТСКОТО ДВИЖЕЊЕ?

Деновиве многу ме измачува едно основно прашање – кој тоа го уби студентското движење? Кој тоа ја усмрти последната капка надеж и светлина? Сметам дека ако не се постави ова прашање, македонскиот “отпор” и активизам ќе остане засекогаш на маргините на амбисот. Уште повеќе, без контемплирање на ова значајно прашање, зборот “одговорност” уште многу долго ќе биде комплетно отсутен ,  од гранскиот и јавен речник. Студентското движење кое во начинот неговото организирање и кревање (не, на начинот кој потоа беше воедно и узурпирано од поединци и мали тесноинтересни групи), ќе остане најавтентичното движење и отпор кој некогаш модерна Македонија го имала. Во перспектива, дури и ако мрднат работите од мртва точка, ќе се изучува во учебниците по граѓанско, и ќе служи како пример за граѓански активизам и отпор.

Во екот на самото студентско движење, мене најпроблематично ми беше, и тоа на неколку пати го истакнав, начинот на кој одделни теснигрупи и поединци демонстрираа сопственост на самото движење. Овде дефинитивно го сместувам професорскиот пленум. Дали беше потребен тој професорски пленум, бледа имитација на студентската автентичност? Професорскиот пленум кој со својата теснограда игра на суети, успеа не само да го разводни, туку и на некој начин да го поткопа, она што беше иницијално и автентично студентско кревање. Да, можеше да го поддржи, ама во никој случај не смееше да дозволи да го менаџира, и уште повеќе да го узурпира преку создавање на паралелни “пленуми”. Иако фотељите на истите тие професори, беа раздрмани со предложените промени, тие беа во зимски сон се додека студентите не се кренаа. И, оддеднаш некаква сопственост демонстрираа, – врв на ароганцијата.

Додека студентите сеуште не беа свесни за ефектот на сопствените дела и акции, и понатамошниот пристап, некои групи и поедници на душегрижници кои сакаа да профитираат, и воедно изградат сопствен имиџ, иако во граѓансиот сектор со децении, се профилираа како некакви нивни ментори и малтене идеолошки “татковци или мајки”. Голема грешка! Но, лично не ги обвинувам студентите, во таа наезда на “крлежи” кои сакаат да се профилираат, за студентското движење беше мошне тешко да ги гледа работите од дистанца. Во цела таа манипулација и лудило, која за жал резултираше во нивна еутаназија,  за нив беше мошне тешко да ги разграничат работите, и притоа испроцесуриаат. Кои беа оние кои беа аветични, од сите ликови коишто испродефилираа, и кои глумеа некаква инволвираност за сопствени цели. Мислам дека од оваа дистанца, се повеќе од јасни работите, но мене сеуште ме измачува прашањето: Кој тоа го уби студентското движење?

-Професорскиот пленум?

-Борците за човекови права и “авангардните” левичари, кои видовме како ретерираат во последните телевизиски појавувања?

-Протестот од 17 Мај?

-или пак, Договорот од Пржино?

Кој тоа го уби студентскиот отпор? Јаз’к да му е.