Македонија  – суспендирана држава!

Дали Македонија се наоѓа во целосна анархија или автократија со последните случувања?  Нејсе, ова претставува теоретско прашање коешто веројатно ќе се изучува во учебници по политичка теорија и уставно право, иако понатамошниот тек на настаните ќе ја искатегоризира теоретски ситуацијата, што во моментот и не е толку битно.

Важно е да се има во предвид, дека Македонија во моментов и веќе подолго време е потполно суспендирана држава во која владее целосно бесправие. Уставот е суспендиран не само со неуставната и нелегитимна одлука на Иванов да амнестира од кривично гонење високи партиски претставници и нивните финансиери, а поврзани со аферата за прислушување во чија надлежност се случаите пред СЈО, туку пред се со контроверзната одлука на Уставниот суд за укинување на одредбата од Законот за помилување и враќање на можноста Претседателот да врши помилувања во однос на изборни измами, кои СЈО пред одредено време ги  отвори против високи партиски функционери.

Уставноста, или поточно неуставноста и со тоа комплетната суспензија на Уставот како највисок правен акт на земјата се крши на релација Претседател на Република и Уставен суд. Конкретните и последните одлуки на двете институции кои се целосно неуставни и бесправни, и се отворена флагрантна повреда на основните темелни вредности на државата (предочено во однос на контроверзната и експресна одлука на Уставен суд “Уставниот суд – лошата маќеа на Уставот”) ги прави целосно нелегитимни државните институции, и оттука произлегува прашањето кој го чува или брани Уставот?

Во македонскиот психолошки трилер пострашно е тоа што Уставен е суспендиран од самиот Уставен суд и со тоа непостоењето на оваа инситуција (чест на судиите кои се спротиставија на оваа одлука), отколку тоа што претседателот претставува една гротескна марионета на партиските стаорци. Во вакви услови, односно неуслови прашањето кое се наметнува е – кој го чува Уставот односно кој бара негово повторно воспоставување? Полицијата или народот на улица? За жал, полицијата ги брани партиски раководства и нелегитимни инситуции, а граѓаните Уставот и враќањето на правната држава. Суверенитетот според Уставот е на граѓаните и оттука во ова бесправие, власта легитимно во нивни раце, а фактички и нелегитимно во рацете на полициската и партиската држава, наоружена до заби.

Еден дел од апсурдноста во која се наоѓа Македонија е и апсењето на недолжните граѓани, кои бараат враќање на уставноста, и бруталноста на полицијата која брани нелегитимни институции олицетворени во партискиот естаблишмент. Акциите на полицијата не само што се  целосно нелегитимни туку се и  бесправни, затоа што не постојат легитимни институции во Македонија во моментов. Така што министерот за полиција да си ги преиспита изјавите дадени пред некој ден дека полицијата постапила во согласност со законски овластувања, затоа што полицијата брани партиски членови а не државни легитимни институции. Кои се тие законски овластувања во услови на целосно суспендиран Устав од страна на највисоките државни институции во земјата?

Од друга стана, за улогата на Заев, ќе се осврнам во некоја наредна прилика (иако веќе пред година и пол забележав дека Заев единствено гради пиар за добивање на избори и ништо повеќе, и дека се друго е само лоша глума за некакво гонење за кривична одговорност, и впрочем дека и едните и другите се во постојан џентлментски договор, на континуирана амнестија и рехабилитација што се покажа од последната одлука на Иванов). Овие актери дефинитивно сносат дел од вината за целосниот колапс на македонскиот уставен систем. Но, во овој момент да оставам отпорот да се искристализира, иако и тоа е доста спорно и не сум баш оптимист, но да видиме!

 

 

 

 

 

Advertisements