Договорот за името – потпишана анексија?

Договорот за името и неговата содржина поттикна бурни реакции и бурни пофалби во јавноста во изминатиот период. Се јавија и безброј експерти за толкување на Договорот кои го идентификуваа како кључен членот 7.Од експертизата на овие експерти толку идентитетот е загарантиран. Затворена дебата. Тоа и впрочем не е битно. Важните се правните консеквенци кои овој Договор може да ги повлече. А тие се многубројни.

Сметам дека Договорот спротивно на Виенската конвенција за договорно право, има скриена цел и е потпишан под притисок, кој не ја отсликува слободната воља на договорните страни, особено не на РМ. Договорите потпишани под закана за воена сила се неважечки според Виенската конвенција. Поинаков вид на притисок не е основа за прогласување на договор за неважечки, за жал. Од друга страна, секој балансиран договор кој е одраз на слободна воља содржи взаемни права и обврски, кои се балансирани меѓу страните. Нерамноправноста во договорањето и немањето на слободна воља од страна на РМ, а изразена преку Договорот со името, може да се увиди преку нереципроцитетноста на обврските за РМ, асодржани во истиот Договор.

Секој меѓународен или билатерален договор има суштина и цел за кои се склучува. Ова треба да е недвосмислено и јасно, затоа што секоја правна нејаснотија впрочем оди во насока кон потврдување на таквата скриена цел. Како што споменав погоре, Виенската конвенција за договорно право од 1969 претставува основа за интерпретација меѓународните договори. Целта и суштината на Договорот треба да се видат и утврдат јасно, за да се исклучи секаков сомнеж дека станува збор за непринципиелен Договор.

Во таа насока треба да се погледне преамбулата на Договорот која ја изразува суштината на самиот Договор. Преамбулата во првиот параграф се повикува на Повелбата на ООН, Завршниот Хелсиншки Акт и на останати акти на ОБСЕ и на Советот на Европа. Заедничко за сите овие наведени документи е дека тие фунционираат врз и го потврдуваат принципот на немешање во внатрешни работи на земјите членки, добрососедство и соработка, и го почитуваат принципот на суверена еднаквост. Најрелевантно е дека тие исклучуваат употреба на воена сила и закана, во меѓународните односи. Преамублата понатаму се повикува на релевантните резолуции околу прашањето за името и Времената спогодба. Чудно е дека преамубулата не се повикува на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг иако овој суд е авторитативен и еден од основните органи на самите Обединети нации.

Дотука горе доле се е во ред, освен оваа мала забелешка. Проблемот започнува со членот 1 параграфите 3 до 5 кои се однесуваат на РМ и кои суштински, содржински и процедурално отвараат безброј прашања. Особено зачудувачки и нерепроцитетни се обврските кои РМ ги презема за да го реши овој спор. Првото е дека согласува на преименувањето кое гласи “Република Северна Македонија”, и второ дека ваквото преименување има ефект erga omnes – кон сите страни, дури и внатрешно со целосно преименување на целокупниот државен, административен апарат и пропратни органи и институции.

Самата кованица на името Република Северна Македонија и erga omnes, со внатрешни целосни промени се обврски кои спротивно на преамбулата ја откриваат вистинската природа на Договорот и решенијата содржани во него. Да започнам најпрво од erga omnes. Erga omnes е правен институт кој поттекнува од имотно-правни спорови, а за првпат е дискутиран во контекст на меѓународно јавно право со случајот Barcelona Traction Case пред Меѓународниот суд за правда во Хаг. Во овој случај судот направи разлика помеѓу меѓународни erga omnes обврски на државите од меѓународната заедница кои се наменети да ги заштитат основните вредности и заеднички интереси како: заштита од масовни кршења на човекови права, забрана, превенција и заштита од геноцид, ропство, расна дискриминација, тортура и целосна забрана на агресија. Другата страна на обврската е онаа која се однесува на меѓу-државни односи во полето на дипломатската заштита.

Обврската erga omnes и нејзината природа во македонско-грчкиот спор, а сега решение со самиот Договор е нејасно од каде ја црпи својата правна основа. Дали како правен принцип поврзан со имотно правни побарувања, или од меѓународно правните постулати споменати и утврдени погоре со Barcelona Traction Case. Гледајќи ја кованицата Република Северна Македонија, станува јасно дека Грција erga omnes барањето го турка поради тоа што смета дека има сопственост на нешто. Но, прашањето е сопственост на што?

Во 21 век границите и правно-политичкиот систем на двете договорни страни и Грција и РМ се утврдени и востановени веќе децении наназад. Република Македонија има востановен уставно-правен, политички и економски систем (далеку од идеален) кој се протега до утврдените физички граници, со соседите. Оттука не е јасно за каква сопственост станува збор. Сопственост на историја, на Античка Македонија, на што? Доколку е прашање на оваа и ваква територија, таа не постои во сегашноста, туку е една илузорна и митска слика на едно многу далечно минато, кое исто така може да е фабрикувано. Оттука ова не може да се црпи како извор на побарување но и барање за преименување една постоечка држава со граници, преку физичко делимитирање и оттука прецртување на граници во 21 век. Имено суштината на ваквите решенија со Договорот е всушност прецртување и физичко делимитирање на граници со повикување на античка историја, во сегашноста. Процепот помеѓу минатото и сегашноста е многу голем  и длабок за нешто вакво да се бара како правна обврска во 21век. Едноставно е апсурдно и нереално, затоа што не станува збор за фактички постоечка територија, туку за нешто што постоело векови наназад. Ваквиот Договор со кованицата “Република Северна Македонија” има цел спротивно на преамбулата да регулира консензуална анексија на територијата на Република Македонија, кон некаков си поширок регион Македонија кој би бил одразен во истоимената провинција во Грција. “Република”  како уредување во целата кованица на име е одвишок и што останува е “Северна Македонија”, која има за цел да се делимитира од некаков си историски поредок кој што Грците го замислиле и  се повикуваат на, да прецртуваат граници денес – во сегашноста. Реален спор и територии на кои се повикуваат Грците не постојат денес, единствено постои РМ и Хеленската Република со утврдени граници и системи, оттука сметам дека консеквенците од ваквиот конструиран спор и непринципиелен Договор ја анексираат територијата на РМ кон некое замислено историско територијално гнездо презентирано од страна на Грција. Со тоа правните последици би биле дека ние административно и хиерархиски би потпаднале под истоиментата провинција во Грција. Ова ќе има надворешни и внатрешни консеквенци, вклучително и консеквенци во сукцесија на држави.

Оттука, да се вратиме на целта и суштината на Договорот кои се во целосно разидување и несогласност, а одразени во контрадикцијата помеѓу Преамбулата и членот 1. Во тој правец воопшто не е јасно како потпишувачите и поддржувачите на овој Договор може да ја објаснат оваа контрадикција која е целосно непремостлива. Но, да бидеме отворени и да слушнеме издржани аргументи.

Јана Лозаноска

 

Advertisements